Интервју со Суад Мисини, активист за човекови права и политички аналитичар

  • Господине Мисини, како активист за човекови права, долго време ја следите политичката, економската, па и социјалната сцена во Македонија. Едно од последните случувањa е и “пробен балон” за воведување на еднократен солидарен данок. Дали може да ни кажете како Вие гледате на ова ад-хок решение и дали верувате дека овој данок е најдоброто решение?

Воведувањето на ова ад-хок решение содржи два носечки проблеми кои ја делегитимираат државата како правна. Едниот проблем е дека ваквите решенија се противуставни и тука нема дебата, бидејки уставните начела се јасни и пост-фестум решенија не се дозволени.

Вториот проблем е создавањето правна и економска несигурност. Правна несигурност се создавава со праксата на донесување решенија ,,по потреба,, и кои се објаснуваат со апсурдни образложенија кои немаат врска со правниот поредок и индицираат анархија. Со смешни и неодржливи образложенија, утре можат да донесат било каков закон и бизнисот да ви го уништат, што впрочем и не е непознато на овој простор. Трагедијата да биде поголема, образложението на владата се базира на еден строго популистички аргумент, кој е врвен показател на владеачкото самоволие, а тоа е повикувањето на принципот на солидарност. Под превезот на одлуката за даночење на фирми кои ,,профитирале,, од претходната криза, дефинирани се критериуми кои се потполно дубиозни кои воопшто не докажуваат дали некоја фирма злоупотребила одредена кризна ситуација или евентуално кризно индуциран монопол за да ,,неправедно,, заработи повеке. Критериумите ги таргетираат баш кон оние кои успешно работеле, во пазарни околности во какви работеле сите останати. Не прејудицирам дека некоја компанија не ги злоупотребила кризните околности, но тоа не може да се види од дефинираните критериуми за тоа кои фирми евентуално го направиле тоа. Конечно, правната несигурност е хроничен проблем во земјава, во која разно разни залутани економисти-популисти се мешаат во работи кои воопшто не се работа на државата. Тоа го гледаме и денес, со мерките и заканите, глобите и сеењето страв за затворање фирми, заради цени, маржи и сите аспекти кои имаат врска со уставно-загарантираниот принцип на слободно претприемништво. Се разбира, државата има етаблирани механизми за интервенција на пазарот заради дисторзии кои не терба да бидат дозволени, има законски механизми, антимонополски и тела за заштита на конкуренцијата, државни резерви и многу други алатки со кои државата треба и има обврска да овозможи оживотворување на уставните принципи. Вака имаме едно перманентно самоволие на економисти од марксистичко-сталинистичка идеолошка провиненција, залутани во политиката, кои не само што го уриваат уставниот поредок, туку практицираат самоволие и безочно злоупотребуваат базични принципи, како што е, на пример, солидарноста. Бескрајната дволичност на овие “десперадоси” во врска со солидарноста, се гледа и преку одлуките за нивните плафонирани функционерски бенефиции, монструозни покачувања на веќе високите лични примања, бескрајните партиски вработувања и измислување на работни места, но и институции и неброени зафати со кои бестијално се троши државниот буџет и се осиромашува овој народ.

Економската несигурност е исто така повеке од очигледна. Во овој момент, компаниите се занимаваат со стратешко планирање на економските активности за 2024 година, деловни предвидувања, одлуки за инвестирање или реинвестирање, проширување или контрахирање на активностите, освојување или затварање пазари и планирање нови понуди на производи и услуги. Тие сега треба да платат измислен данок со средства кои уште минатата година се распределени, поделени, инвестирани или потрошени. Од тој аспект, колку и да била успешна некоја фирма во годините кои се опфатени со владините критериуми за овој данок, нивните деловни активности ке бидат десеткувани. Во таа смисла, повикувањето на владата на одредена пракса во ЕУ на истава тема е фундаментална и вулгарна манипулација. Само споредете го нашиот пример со последната одлука на италијанската влада за даночење на тамошните банки и ќе видите каква фундаментална разлика има во двата пристапи.

Со еден збор, воведувањето на овој данок е класичен грабеж. Не постои попрецизен опис за оваа пракса.

  • Дали постои оправданост во одлуката, овој данок да не важи за банките кои остваруваат огромни профити?

Тоа што овој данок не ги опфаќа банките, фундаментално ги негира сите квази аргументи на државните економисти од советски производ. Бидејќи е очигледно дека многу размислувале во дизајнирањето на критериумите, некако природно доаѓам до заклучок дека намерно не се опфатени банките.

Монструмозно.

Иако ми е сосема јасно од кои причини е направено тоа. Но, какви и да се причините, наметнувањето на популистички образложенија за воведувањето на ваков данок е трагично волунтаристичко вршење полови дејствија врз интелигенцијата на граѓаните.

  • Години наназад слушаме како прогресивниот данок е во подготовка,а на крајот на 2022 дознавме и дека вакво оданочување нема да има. На што ги препишувате овие избрзани одлуки па повлекување од страна на владата?

Од една страна, имаше реакции од страна на бизнистот, комората, па и банките кои директно се заканија дека ке го урнат законот на уставен суд. Се разбира, тука постојат имплицитни закани кои се евергрин, а тоа е подготвеноста на банките во бескрај да ги финансираат наркотички индуцираните потреби на Владата за задолжувања. По првиот бран незадоволство, владата ретерираше, но нејзините бескрајни и ненаситни финансиски потреби превагнаа, па со мали прилагодувања, законот дојде во фаза на изгласување, со најбезочна и исклучително вулгарна злоупотреба на европското знаме.

  • Каде грешиме со оданочувањето? Дали верувате дека постои можност за воведување на прогресивен данок и дали постои можност оваа власт да ги оданочи богаташите кои се богатат врз грбот на народот, наспроти хонорарците? Исто, ваше размислување за најавениот сега, солидарен данок?

Прогресивното оданочување, онака како што го замислиле владините марксисти – ленинисти, е неприменливо во држава како Македонија. Има тука неколку фундаментални концептуални дупки кои овие залутани економисти, кои во децениски континуитет ја држат Македонија во финансискиот 13ти век и пуст контаминиран остров на светската економска мапа, не сакаат или едноставно не можат да ги видат.

На пример, кога се конципираше даночната реформа при првата влада на СДСМ по режимот, тие определија дека фамозните статистички 1% од граѓаните со највисоки примања се оние кои ќе бидат изложени на прогресивно оданочување. Оваа смешна премиса во старт пренабрегна два основни факти од релноста – најголем дел од тие 1% се всушност средната класа во земјава која е главен двигател на потрошувачката (која, види трагикомедија во маоистичките економски пристапи на владите во континуитет, е најзначајниот аспект на порастот на БДП). Значи, вие ја напаѓате средната класа која ионака е во постојан залез во земјава, наспроти острите раслојувања на ,,екстремно богати,, и сиромашни граѓани. Иако беше навремено објаснето дека таа реформа во Македонија е бесмислена како и начините како ќе биде заобиколена, истата беше имплементирана, за да на крај се стави ,,во мирување,, со истите образложенија цитирани претходно, поради кои таа реформа се покажа неуспешна.

Но, ние треба еднаш за секогаш и најнапред концептуално да завршиме со некои прашања. Прво, не постојат богаташи кои се богатат врз грбот на народот. Таа идеолошка дезориентација го храни популизмот на владите кои пак од своја страна носат политики кои уште повеќе ја урнисуваат економската состојба на граѓаните. Постојат политичари кои се богатат врз грбот на народот и постојат бизнисмени кои се обогатиле на криминален начин, или преку несанкционирана дисторзија на пазарот. За жал, во Македонија има премалку богати луѓе и штета е што нема повеќе. Бидејки тие се мотор на развојот на секое општество. Од друга страна, има многу богаташи кои криминално се стекнале со огромни ресурси, уживаат партиска заштита и неказнивост во услови на евтаназирано обвинителство и трагично нефункционално владеење на правото.

Затоа, тврдам дека во Македонија нема проблем со даночната политика (освен, се разбира, во делот на хронично неспособната држава да се справува со сивата економија), туку има проблем со криминализирана партократија и руиниран правен поредок). Секој свесен граѓанин треба да разбере една фундаментална вистина – било каква даночна политика ќе биде со радост прифатена од бизнисмени од типот на Сашо Мијалков, Орце Камчев и ,,плејада,, други ведети, бидејки вие само мислите дека сте ги оданочиле, колку и да сте ги оданочиле. Во реалноста вие сте им ги легализирале криминално стекнатите пари. Ако ова не го разбирате, тогаш ништо не можете да разберете. Особено не да се бавите со креирање економски политики, кадешто нашиве министри маоисти воопшто не се гадливи на проблемот со неказнивоста, бидејки самите тие, имплицитно или експлицитно, го потхрануваат истиот.

Секако, постојат начини како да се зголемат даночните приходи. Претходно опишаната но и други концептуално-идеолошки дупки не оставаат простор за тоа.

Состојбата на умот и робинхудовскиот пристап на распределба на идеолошко-економски дезориентираната држава не овозможуваат надминување на овие проблеми. Еве пример – во континуитет се заговараше намалување и целосно укинување на оданочувањето во ИТ индустријата. Вие ја ослободувате од данок индустријата која создава најголема додадена вредност, и тоа во илјадници проценти! Од друга страна, ги малтретирате сите останати кои едвај опстануваат и се обидуваат да преживеат, на еден или друг начин…. Се разбира, аргументот е дека така се стимулира ИТ индустријата, но ако ги видите светските искуства и трендови, лесно ќе заклучите дека на таа и на сите други индустрии им недостасува соодветно деловно опкружување, ништење на убиствената бирократија, корупција и партократски индуциран рекет, недостасува предвидлива законска рамка и функционални пазарни принципи. Каде и да се свртите, ги гледате катастрофалните ефекти на владините политики, од земјоделието до напредните индустрии. Земете го примерот со покачувањето на цената на лебот –  државата интервенира кај производителите кои оправдано (зголемени трошоци за енергија, работна сила, репроматеријали…) или неоправдано (монополско итн договарање цени), наместо да ја остави конкуренцијата да го реши проблемот. Се сеќавате, пред 6 месеци, кога самата држава креираше дисторзија на пазарот, под плаштот на заштита за стандардот на граѓаните, од соседно Косово се јавија безброј производители кои понудија финални цени на лебот за потрошувачите во Македонија, какви што дршавата со декрет пропиша..? Притоа, државата практицираше политички маркетинг, но никогаш не се осврна на тоа колку фирми се затворија и колку луѓе останаа без работа. Бидејки, не е исто ако некој бизнис затвори затоа што е неконкуренетен на пазарот, или затвори заради лудориите на државата која глуми арбитер на пазарот.

Заклучокот сам се наметнува – прогресивното оданочување е најбесмислениот начин да собирате пари во буџетот, денес и тука. Само потсетете се дека еден цел годишен буџет стои нереализиран заради партократската дршава која е неспособна да го конфискува нелегално стекнатиот имот и да се справи со сивата економија. Не заборавајте и дека Македонија е и натаму единствената држава во Европа чии граѓани немаат право да инвестираат на странските берзи… и да не набројувам понатаму. Марксистичките креатори на економските политики немаат ни најмала идеја како да го зголемат процентот на средната класа во Македонија, која е во исчезнување. Во држава во која бирократијата е најплатежно способна.

Трагедија.

  • Штрајкувањето со жед е реткост во денешно време и во поставување на барања. Со ваков вид на штрајк, има мала временска рамка за реагирање, а Вие го доведовте својот живот и здравје во прашање. До каде е решавањето на проблемот со нерегулираниот граѓански статус на децата во Македонија за кој вие започнавте штрајк со жед?

Тој штрајк беше граѓански акт на протест со сосема гранични принципи, кој требаше да осветли не само еден сосема неоправдан и перманентен волунтаризам на државата во играњето со животот на децата, туку и да ја размрда зачмаената граѓанска и медиумска сцена која е комплетно десензибилизирана за било каков отпор. Се разбира, ова второво не се случи и нема да се случи без оглед на сеопштата констернација на граѓанството за случаите како тетовската болница, онкологија или канцерогеното загадување. Тврдев и сеуште тврдам дека општествената надеж која беше креирана во времето на шарената револуција веќе нема да се повтори, бидејки изиграните очекувања трајно го затапија граѓанскиот порив за промени и достоен живот.

Инаку, најавено е усвојување на промените во законите заради кои тој радикален штрајк и беше започнат и се надевам дека тоа деновиве ќе се реализира, со што еден сериозен проблем во земјава ќе биде затворен еднаш за секогаш.

Тој штрајк имаше силек оддек, иако тоа не беше видливо на прв поглед. Но тој исто така покажа дека ниедна реформа, во ниеден сектор, не е веќе возможна на вообичаен начин, со вообичаени демократски или граѓански методи. Освен ако не се поклопува со популистичката агенда на партократијата. Тоа е прилично обесхрабрувачки за иднината на Македонија, но тоа е реалноста.

  • Сведоци сме дека откако Црна гора воведе Економски мерки за развој, државата почна да се движи напред. Какви се проекциите, кои се јаките и слабите страни во таа програма? И зошто ние не го пресликаме нивниот модел, што не спречува во тоа?

Марксистичкиот економски пристап не овозможува размислување во такви правци, како што е црногорската реформа, која се базираше на сериозни странски искуства. Тука ќе слушнете единствено дека нивниот здравствен систем е неодржлив и дека тоа е резултат на таа реформа. Ако го погледнете последното издание на нашиот завод за статистика, ќе забележите нешто што се гледа со голо око – нашиот здравствен систем е базично во банкрот. И сега, како да го набљудувате аргументот за неефикасноста на црногорската реформа?

Никој во државава не се бавеше сериозно со црногорската реформа за која тврдам дека е исклучително плодна почва за опстојно и креативно создавање на сериозна економска и даночна реформа во Македонија. Кај нас сеуште на крајно популистички начин се манипулира со драматичниот пад на животниот стандард на граѓаните, а се нудат приказни за растот на просечната плата, кои се всушност апологија на статистичкиот принцип на сарма – ваму зелка, таму ориз.

Реформата во Црна Гора овозможи ДРАМАТИЧЕН раст на минималната и просечната плата, овозможи пристап до финансии на огромен број луѓе и ги поттикна приватните инвестиции. Притоа, даночните прилагодувања направени со цел да се бандажира буџетскиот одлив беа прифатени едногласно од целиот бизнис. Се разбира, оваа реформа не ги реши сите проблеми на црногорското општество, но претставуваше вистински квантен скок во целокупната состојба.

  • Како би ја искоментирале денешнава состојба во државата и каква иднина ја очекува нашата земја?

Државата, со ваквиот идеолошко-популистички и партократско- криминален  пристап нема никаква иднина. Младите си одат, бидејки светот нуди доволно алтернативи на ова бескрајно пропаѓање. Пропагирањето на принципот на ,,еднаквост,, во кој сите ќе бидеме подеднакво сиромашни, во кој ако сте креативни и работливи ќе бидете казнети за својот успех, во кој криминално заработеното богатство ќе ви биде легализирано со државен декрет, во кој етаблираните работнички права не можат да бидат гарантирани и почитувани и во кој главниот порив ќе остане вработување во администрацијата, неминовно води кон комплетна ентропија. Се’ ќе се распадне, а можеби тоа е и најдоброто решение. Кога во земјава преовладува ЛОН економска доктрина (тоа го разбирате, нели: правите бизнис со инпут од 99 евра и аутпут од 100 евра, бидејки ако имате производи или услуги со поголема додадена вредност ќе бидете казнети или навредувани), криминализирани владеачки структури и распаднат принцип на владеење на правото, едноставно не можете да имате очекувања.

Но, најголемата трагедија е немањето соодветна политичка алтернатива. Бидејки ниедна политичка опција ги нема разрешено основните постулати на интегритет, свест за владеењето на правото и пазарните принципи, преживувањето и глумењето живот ќе остане единствената состојба на оние кои нема да заминат.

Секако, ќе има исклучоци кои само ќе го потврдат правилото.

Инвестирањето во саморазвој и постојаното следење на светските трендови, но и опстојно образование е единствениот спас за било кој граѓанин.

Останува надежта дека некои нови генерации (и тоа не толку сегашните нови генерации, кои се доволно индоктринирани со постоечката состојба на умот) ќе бидат доволно гадливи на овој сеопшт башибозук и нема да го дозволат државата да се води од криминализирани партиски структури и заробени институции. Сепак, тој хоризонт во овој момент е премногу далеку и сосема неизвесен.

Интервјуто го подготви: Ивана Грозданова.

Ова интервју е подготвено во месец август, 2023 година.

Ова интервју е дел од весникот „Текстилец“, кој го издава „Гласен Текстилец“, еднаш годишно, со финансиска поддршка на Olof Palme International Center. Ставовите изразени во ова интервју се ставови на соговорникот и не ги одразува ставови на „Гласен Текстилец“ и Olof Palme Center.


Posted

in

by

Tags:

Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *