Почитувани претставници/чки на медиумите,
Гласен Текстилец од Штип по седми пат ја организира Текстилијада 7, во периодот од 5 до 7 октомври 2023 година во Штип.
Примарната цел на меѓународниот настан е да иницира дискусии на локално и национално ниво, користејќи култура, уметност и дебати за воспоставување партнерства и отпочнување социјален дијалог за решавање на итни прашања кои имаат влијание врз сите, особено врз работниците и младите поединци во општеството.
Настаните, кои опфаќаат и социјални и уметнички аспекти, се дизајнирани да ги мотивираат младите луѓе и работниците активно да се вклучат во процесите на донесување одлуки кои ги засегаат обичните граѓани.
Темата на „Текстилијада 2023“ е „Текстилна правда – размислување за минатото, замислувајќи ја иднината“. Оваа година, Текстилијада 7 се обидува да ја нагласи неопходноста од постигнување правда за работниците и истовремено инспирира свежи идеи да не водат напред, извлекувајќи вредни лекции од грешките од минатото.
Па така настаните се дизајнирани да овозможат вклученост на сите заинтересирани од општата популација и работнички од приватниот сектор.
Започнуваме на 5 октомври (четврток) во 12:00 часот со пречек на гостите од Борос, Шведска кои ќе бидат на тридневна студиска посета во нашиот град и едукативна презентација (прошетки низ Штип и текстилни фабрики), како Текстилен центар на Македонија.
Потоа истиот ден продолжуваме со откривање на муралот „Текстилна работничка во минатото или иднината“, кој е изработен на зграда во централното градско подрачје, во близина на средното текстилно училиште. Овој мурал има за цел да ја истакне улогата на текстилната индустрија во еманципацијата на жената во минатото особено во нашиот град и регион. Но и дека сега и во иднина е важно оваа гранка дека треба економски да ја зајакне жената, да ја зајакне економијата на градот, па и државата. На сите останува да работиме за да текстилните работнички ги имаме и во иднина, но преку добро платени и достојни работни места.
Денот го завршуваме со панел дискусијата на тема: „Дискриминација на работното место, Комисија за заштита и спречување на дискриминација“, кој го организираме со цел приближување на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација до работниците (КСЗД), запознавање со дејностите и улогите на КСЗД, Комисија за еднакви можности помеѓу мажите и жените (КЕМ), и работата на граѓанските организации кои работат во полето на родово-базираната дискриминација и работничките права. На оваа панел дискусија, која ќе се одржи во Хотел Оаза со почеток од 16:00 часот, говорници ќе бидат претставници на КЕМ, КСЗД, граѓански организации и позитивни примери раскажани низ призмата на работничките, кои биле жртви на родово-базирана дискриминација (РБД) на работното место.
Наредниот ден на наше големо задоволство го започуваме со откривање на скулптурата “Корени на традицијата“, која е изработена од уметникот Андреј Миневски, а во присуство на Н.Е. Г-ѓа Ами Ларсон Јаин, Амбасадорка во Амбасадата на Шведска во Скопје, Северна Македонија; Иван Јорданов, градоначалик на Општина Штип и Кристина Ампева од Гласен Текстилец. Оваа скулптура е изработена налик дрво со млада и стара гранка од двете страни, игла и конец во средината на скулптурата. Повторно преку уметност сакаме да оставиме белег во нашиот Штип и да ја потенцираме важноста на текстилната индустрија и дека треба развивање на истата за да традицијата на секторот продолжи. Но единствено преку градење на оддржлива индустрија и соработка меѓу сите заинтересирани страни, вметнувајќи иновативен, нов пристап, но и вреднувајќи го работничкиот труд.
Денот го продолжуваме со два интернационални форуми во хотел Оаза, од кои едниот ќе биде за презентација на падот и подемот на текстилната индустрија во градот Борос, Шведска, каде ќе имаме меѓународни панелисти и од самиот град Борос. Свои поздравни обраќања ќе имаат:
• Н.Е. Г- ѓа Ами Ларсон Јаин, Амбасадорка на Амбасадата во Шведска во Скопје, Северна Македонија;
• Иван Јорданов, градоначалник на Општина Штип;
• Д-р. Петер Хурелбринк, директор за Северна Македонија и Косово, Фридрих Еберт Фондација.
Вториот меѓународен форум го продолжуваме со „Одржливата мода низ призмата на брендовите и концептот на Борос“, каде ќе имаме меѓународни претставници на брендови и организации, фондации и слично.
Потоа ќе следуваат настанот за доделување на наградите во рамките на Литературниот конкурс на тема: Што е правдата? кој беше распишан минатиот месец и со гордост признаваме дека ни пристигнаа над 37 литературни творби од средните и основните училишта од Општина Штип. Настанот ќе се одржи во НУ – УБиблиотека „Гоце Делчев“ – Штип, со почеток во 16 часот и уметничката изложба изработена со помош на AI (вештачка интелигенција) од страна на уметникот Ѓорѓе Јовановиќ, а содржи плакати за правдата на текстилните работнички. Изложбата ќе се одржи во Дом на млади со почеток од 19 часот.
Третиот и последен ден организираме настани од отворен тип и го започнуваме со дебатата за актуелната состојба, пречките и проблемите со кои се соочуваме како работници и здружение во судските лавиринти и дали е можна правда за работниците.
Идентификација на проблеми со кои се соочуваме и како да се најде решение за поефикасно судство и еднакви права за сите. Дебатата ќе се одржи во хотел Оаза со почеток од 11 часот, кадешто панелисти ќе бидат претставници на национални институции, адвокати и соработници.
Од 14 часот, исто во хотел Оаза продолжуваме со панелот на тема: “Open Balkan (Отворен Балкан) и работничките права -Трка до дното”, каде ќе имаме меѓународни говорници од Албанија, Косово, Србија и Македонија.
Следуваат и промоцијата на 6-тото издание на работничкиот весник „Текстилец“ и работничкиот пикник организиран во античкиот град Баргала, а во соработка со Општина Штип, работничките ќе имаат можност да научат повеќе за синдикалното организирање во земјава и надвор од неа. Заинтересираните работници можат да се пријавуваат преку нашата Фејзбук страна или тел.бр 075 316 109 за таа активност.
За крај на денот во Дом на млади со почеток од 19 часот ќе го промовираме стрипот „Супер работничка“ изработен од дизајнерот Никола Костовски, а како иницијална идеја на Уметничкиот директор на Текстилијада 7, Денис Ампев. Стрип изложбата „Супер работничка“ е продолжение на претходната супер хероина која ќе им помогне на работниците да се изборат за своите права. Оваа супер хероина не е класичен херој кој го спасува светот, туку ќе покаже дека работниците можат да се борат за своите права на работното место без да чекаат некој суперхерој да го направи тоа, потребна им е само солидарност и синдикализација.
Со учење од позитивни примери и соработка со пријатели кои се подготвени да споделат решенија кои ги доведоа од неуспех до успех, можеме да зацртаме просперитетен пат напред.
Нашата крајна цел, фасилитирана преку Културно-уметничкиот центар Текстил – Штип, е да поттикнеме активно граѓанско учество. Наша цел е да ги доведеме во прв план дискусиите и на локално и на регионално ниво, поттикнувајќи партнерства и иницирајќи социјален дијалог за најгорливите прашања во нашето општество, се со сеопфатна цел да обезбедиме достоинствен живот на нашите граѓани.
Го очекуваме масовното присуство на работничките и работниците во рамките на настаните од Текстилијада 7.
Програма на македонски јазик: